Младинската репрезентација на Македонија со утрешниот дуел против Чешка ќе го стартува настапот на Европското првенство – Б дивизија што ќе се одржува токму во Скопје.
„Црвено-жолтите“ имаат квалитетен ростер предводен од Симиќ, Шошкиќ, Митревски… а селекторот Никола Василев е оптимист дека нашиот состав ќе се вмеша во борбата за медали, што ќе значи и промоција во А-дивизијата (во повисок ранг на натпреварување ќе се преселат трите најдобри селекции на овој шампионат).
Македонија е дел од групата А заедно со Словачка, Бугарија, Чешка и со Ирска, а селекторот е задоволен од сработеното во текот на подготовките.
„Атмосферата во тимот е одлична, последните денови се работи на хемијата меѓу играчите на теренот, веќе неколку денови се наоѓаме во ‘карантин’ каде ќе го дочекаме стартот на првенството. Можеби можевме и требаше да одиграме уште некој пријателски натпревар во рамките на подготовките, но тоа е. Имавме три подготвителни дуели на кои видовме до каде сме и кои се нашите недостатоци, се соочивме и со повреди на неколку кошаркари, не бевме постојано комплетни, но најважно е што во моментов сите се здрави и подготвени за настап. Од она што остана како впечаток досега, мора да играме силна одбрана во текот на сите 40 минути за да бидеме конкурентни на првенството и да ја оствариме целта. Сепак, сметам дека подготвени за она што нè очекува“- вели Василев.
Чешка, која е прв ривал на Македонија (утре, 18.30 часот), според македонскиот селектор е и една од главните селекции во битката за медали.
„Би сакал да одиме чекор по чекор, во моментов најважно е да ја поминеме групата, па потоа можеме да размислуваме за се, за сите опции. Како конкуренти за највисок пласман ги гледам Чешка, Финска и Шведска, но и ние ќе се обидеме да се вмешаме во борбата за медалите“– додава селекторот пред почетокот на шампионатот во нашиот главен град.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА