Василев презадоволен: Оставивме простор за генерацијата што доаѓа, овие 12 момци се фантастични

Селекторот Никола Василев успеа во зацртаната цел – да ја одведе нашата младинска репрезентација до А-дивизијата во европското кошаркарско друштво.

Македонија одигра одлично на европскиот шампионат – Б дивизија во Скопје, на крајот го освои второто место по поразот во финалето од Чешка, но „црвено-жолтите“ севкупно оставија квалитетен впечаток.

„„Мислам дека одигравме доста добро во одбраната низ целиот турнир, за која секако дека не одлучуваше талентот на играчите туку желбата, дисциплината и фокусот на играчите. Кога би резимирал, а такво е времето по завршување на првенство, би кажал дека тимскиот дух и тимската игра, правилниот пристап, и желбата за докажување беа клучни фактори за нашиот успех“, вели селекторот Василев во разговор за веб-страницата на КФСМ.

Она што е исто така особено важно е дека од оваа селекција која ја направи Василев, половина од играчите се родени 2004 година, односно имаат право на настап во новиот циклус, односно во „А“ Дивизијата.

„Во овој тим има шест играчи кои може да играат и наредната година. Тоа е големо наследство, и веројатна најголема придобивка од направеното. Оставивме ‘простор’ за генерацијата која што доаѓа. Затоа сакам да им се заблагодарам на овие 12, пред се, одлични личности па потоа и играчи, но и на сите други играчи кои учествуваа во подготвителниот период на репрезентацијата. За давањето на оној свој максимум на секој од тренинзите и на натпреварите. Овие момци уште од првиот ден успеаа да се адаптираат на сите предизвици што им ги поставивме и ги баравме од нив. Не се откажуваа, и на крајот сето тоа се ‘исплатеше’. Верувам, и се надевам дека овие момци во блиска иднина ќе ја претставуваат Македонија и во сениорската репрезентација, на ист начин како што тоа го направија на овој шампионат“, оптимист е Никола Василев.

Се вчитува...