Васко Скендеровски по квалификациите за СП 2024: Сакаме бараж со силен противник за да Македонија се увери во потенцијалот на оваа репрезентација!

Македонската футсал репрезентација согласно посакувањата со триумф од 3-1 против Шведска ги заврши квалификациите за СП 2024 и сега го очекува уште последниот натпревар во групата меѓу Италија и Шведска за да избори место во баражот за пласман на Мундијалот. Неопходно е Италија да ја победи Шведска за Македонија да се избори за толку посакуваниот бараж.

Селекторот Васко Скендеровски, сосема очекувано, не го крие задоволството од настапот на националниот тим истакнувајќи дека низ овие квалификации единствено жали за лошо одиграниот натпревар против Шведска на гости. Но е среќен што успеавме да им се реваншираме во Скопје…

„Она што го очекував, и се оствари. Дека ќе биде исклучително тврд натпревар против Шведска, неизвесен до самиот крај, и дека ќе победиме. Така и беше, Шведска се покажа како цврст противник, но очигледно дека ја научивме лекцијата од Гетеборг, и овој пат не дозволивме да бидеме изненадени. Морам да признам, дека играчите ги испочитуваа сите задачи кои им ги дадов пред натпреварот и тоа донесе резултатски успех. Бевме сконцентрирани во текот на сите 40 минути, агресивни од самиот почеток и во фазата на одбрана и напад. Имавме многу шанси, но во првото полувреме реализацијата беше на ниско ниво. Им реков и на полувремето да бидат трпeливи, дека ќе дојдат головите, само треба максимална концентрација. Се на се, остваривме голем резултат, и сега очекувам дека денес Италија ќе одигра еден коректен натпревар против Шведска и ете не нас во баражот“ – вели Скендеровски.

Околу мартовскиот собир во кој доживеавме пораз од големиот фаворит Италија во Катанија и ја победивме Шведска, македонскиот селектор дециден.

„Што се однесува до двата меча кои ги одигравме во овој термин, можам да кажам само едно. Одигравме два натпревари на исклучително високо ниво, и ако бевме комплетни во Катанија (Даниел Де Соуза, Исмаили и Мицевски), мислам дека ќе останевме непоразени и на гостувањето против Италија. Овие натпревари беа вистински тест за нашата репрезентација и мислам дека успешно го положивме“.

 

Ако се оценуваат квалификациите во целина, јасно е дека единствено потфрливме на гостинскиот натпревар во Шведска.

„Генерална оценка е дека од сите четири натпревари кои ги одигравме во овој квалификациски циклус, единствено потфрливме на првиот натпревар против Шведска, на кој натпревар јас не бев на клупата поради суспензијата од квалификациите за ЕП минатата година. Останатите три натпревари бевме, слободно можам да кажам, на нивото на најсилните репрезентации на стариот континент. Формата на играчите е на високо ниво, и посебно изненадувачки за мене, не само на оние што играат во странските првенства, туку и на неколкумина домашни играчи кои беа носители на играта во овие мартовски натпревари“.

Македонија сега посакува да дојде до баражот за СП 2024 што би бил навистина голем успех.

„Што се однесува до натпреварите што следат, нека помине најпрво натпреварот Шведска-Италија, па ако влеземе во тој толку очекуван бараж, сакам да добиеме силен противник за да може македонската спортска јавност да се увери дека оваа селекција има огромен потенцијал“ – истакнува Скендеровски.

ОГРОМНА БЛАГОДАРНОСТ ЗА ДАРКО РАНГОТОВ ЗА СЕ ШТО НАПРАВИ ЗА МАКЕДОНИЈА

Македонскиот селектор не ја крие и благодарноста за еден од најдобрите македонски футсал играчи Дарко Ранготов за кого натпреварот со Шведска беше последен репрезентативен во кариерата, одлучувајќи да се пензионира…

„На крај, сакам да искажам посебна благодарност до Дарко Ранготов, играчот кој беше избришан од репрезентативниот список пред моето враќање на местото селектор. Разговаравме кога се вратив, го убедив да се врати, и мислам дека крајот на неговата репрезентативна кариера му беше како што беше целокупниот негов ангажман во националниот тим. Достоинствен, борбен, максимално ефикасен, во интерес на колективот, но секогаш пример за помладите како треба да се однесува еден репрезентативец. Даре, ти благодарам за се што направи за Македонија“ – истакнува Васко Скендеровски.

Се вчитува...