Футсал репрезентацијата на Македонија запиша извонреден резултат, ремизирајќи (3-3) против фаворизираната селекција на Италија во меч од Групата 10 во рамките на европските квалификации за пласман на Светско првенство 2024.
Избраниците на селекторот Васко Скендеровски во еден неизвесен натпревар со многу возбудувања, одиграа храбро, со голема желба и сосема заслужено ја сопреа моќната селекција на Италија. Херој во македонската селекција беше Крстевски, кој буквално во поседните мигови од средбата усепа да погоди за конечни 3-3. Италија на два пати имаше предност од два гола, но на крајот не успеа да слави.
Скендеровски е секако задоволен од постигнатиот резултат потенцирајќи дека тоа за него како селектор е најголем досега резултат на еден официјален квалификациски натпревар.
„Задоволни сме од нерешениот резултат против селекција како Италија која е во топ три европски репрезентации. Ме радува што играчите покажаа карактер и се вратија од два гола негатива против моќната Италија. Во репрезентацијата имаме доста интернационалци, па се гледа дека играат во одлични првенства со силни натпревари. Ова за мене како селектор е најдобар резултат во еден квалификациски натпревар против една моќна Италија“ – вели Скендеровски.
Македонија во квалификациите на 1. март следната година ја очекува гостувањето во Италија, а на 5. март ја пречекуваме Шведска на домашен терен.
„Се надеваме дека следните натпревари во март 2023 година ќе бидеме уште подобри. Сигурен сум дека ќе играме повторно на ниво, на задоволство на македонската спортска јавност“ – дополнува македонскиот селектор.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА