Силекс против Арсими денеска од 13 часот го отвора 15. коло во Првата македонска фудбалска лига. Кратовци на домашен терен ги очекува дуел со противник кој во минатото коло го совлада шампионот Шкендија.
Од тука од таборот на кратовци претпазливи пред овој натпревар. Го почитуваат противникот, но веруваат во добра игра и во освојување на три бода од денешниот дуел.
Александар Васоски, шефот на стручниот штаб на Силекс предупредува на внимателност, и потенцира дека нема да биде лесен натпревар, но и дека очекува квалитетен натпревар и триумф на неговиот тим.
„Не чека тежок натпревар против Арсими, екипа која ја има мојата почит. Не само поради победата над Шкендија, туку поради фактот што во континуитет игра добро. Играме на домашен терен и можеби тоа не прави благи фаворити, но знаеме дека нема да биде лесно. Меѓутоа ако сакаме да бидеме при врвот мораме да победиме. Сите сме сконцентрирани само кон овој натпревар, и очекувам една квалитетна претстава и победа на Силекс“ – вели Васоски.
ДРЉЕВИЌ: „ВО КРАТОВО ДА ПОКАЖЕМЕ ДЕКА ПОБЕДАТА СО ШКЕНДИЈА НЕ БЕШЕ СЛУЧАЈНА!“
Сепак, и екипата од гостиварско Чегране патува во Кратово мотивирана и со јасна цел, да освои позитивен резултат и да ја продолжи својата позитивна форма.
Стоперот на Арсими, интернационалецот од Босна и Херцеговина, Амир Дрљевиќ, е задоволен од атмосферата во екипата и подготвен за предизвикот што следува
„По важната победа против Шкендија, нашиот тим ја доби потребната самодоверба и ритам. Атмосферата е многу позитивна и сите сме максимално мотивирани. Во Кратово одиме со јасна цел, да забележиме позитивен резултат и да покажеме дека нашата добра форма не е случајна. Го почитуваме Силекс како противник, особено на нивни терен, но веруваме во себе и во работата што ја направивме во текот на неделата. Ќе дадеме се од себе на теренот за да ги задоволиме нашите навивачи и да продолжиме кон сезонските цели“ – вели Дрљевиќ.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

