Васоски: „На нашите генерации ни недостасуваа играчи како Барди и Елмас!“ (ВИДЕО)

Во очекување на денешниот полуфинален дуел на „Паркен“ стадионот во Копенхаген од 20:45 часот против Данска од баражот за пласман на СП 2026, еден од најистакнатите репрезентативци во историјата на македонскиот фудбал, Александар Васоски, на гостувањето на спортскиот подкаст „ПРЕСИНГ“ се потсетува и на одличните негови генерации во репрезентативниот фудбал.

Васоски, потенцира, дека во тоа време и квалификациските системи на ФИФА и УЕФА некако не даваа доволно шанси за, условно кажано, помалите репрезентации ако се знае дека на завршницата од ЕП или СП учествува и многу помал број репрезентации, но и не постоеше Лигата на нации која објективно дава можност за полесен пласман на европско првенство.

Но, Васоски потенцира дека и покрај извонредните негови генерации со Пандев, Попов, Новески, Седлоски, Митрески, Шумуликоски, Наумоски…, сепак тоа што недостасувало се играчи во средниот ред, како Барди, Елмас….

„Немавме ние играчи како Барди или Елмас во средниот ред за да дојдеме до поголем успех. Секогаш имавме добри одбранбени играчи и добри напаѓачи. Така да кога би направиле еден микс од таа и од оваа репрезентација, мислам дека би направиле топ, топ екипа“ – вели Васоски и дополнува:

„Имавме врвни играчи, можеби и повеќе во Топ 5 европските лиги од сега, но пак недостасуваше, можеби средниот ред беше најпроблематичен. Да, ни фалеше играч како Барди. Една класична десетка која ќе има и добар слободен удар, кој ќе го спои одбранбениот и напаѓачкиот ред. Таков калибар ни недостасуваше… И како Елиф Елмас“.

Но, и…

„Да бидеме и реални тогаш беше многу потешко преку квалификациски циклус да се дојде до ЕП или СП. Постојано во квалификациите имавме барем две репрезентации во групата како Англија, Холандија, Шкотска, Хрватска, Ирска…. Немаше Лига на нации која сега овозможува натпревар со твој ранг на селекции, и полесен пат до завршница на големо натпреварување“ – вели Васоски.

====================================

ЦЕЛИОТ СПОРТСКИ ПОДКАСТ „ПРЕСИНГ“ СО АЛЕКСАНДАР ВАСОСКИ ГЛЕДАЈТЕ ГО ТУКА….

Се вчитува...