Васоски останува тренер на Академија Пандев, опстанокот е сега главна цел

Голманот Марко Јовановски, искусниот Бојан Најденов, напаѓачите Димитар Митровски и Марко Ѓорѓиевски си заминаа од Академија Пандев. Тоа се четворица носители на играта на „Академците“ низ есенскиот дел, но тимот не се прослави во првиот дел од сезоната, и го заврши во долниот дел на табелата, со што екипата треба да стравува за опстанокот.

Александар Васоски и натаму останува шеф на стручниот штаб. Тоа го потврди и за ЕКИПА тој, напоменувајќи дека ќе има мал „ремонт“ на играчкиот кадар со оглед на заминувањата.

„Останувам во Академија Пандев. Сега треба добро да се одмориме, па потоа да бараме нови засилувања. Очекувам да ангажираме 5-6 фудбалери, со кои низ пролетниот дел ќе атакуваме на успех. Првична цел сега е опстанокот. Почнуваме на 9. јануари, и добро ќе се подготвиме за пролетниот дел од сезоната“, ни изјави Васоски. 

Во следните неколку дена може да се очекуваат првите нови имиња во таборот на Академија Пандев. И покрај тоа што пред почетокот на сезоната целта беше да се избори во Европа, сега со новата ситуација првична цел ќе биде останувањето во Првата лига, а потоа на лето со нови сили во новата сезона.

За потсетување дека пред неколку месеци, Васоски си поднесе оставка од функцијата шеф на стручен штаб, но истата не му беше прифатена.

Се вчитува...