На домашен терен во Кратово, Силекс, денеска од 14:30 часот во 23. коло од ПМФЛ, ја чека првата победа во овој пролетен дел од сезоната. Третиот круг кратовскиот тим го стартува со домашен меч против Пелистер, и очекува, конечно, да го „скрши мразот“ пред своја публика оваа година.
Силекс го респектира противникот, а тренерот Александар Васоски вели дека неговиот тим ќе се бори со сите сили да дојде до трите бода на овој меч.
„Фокусот наш е и на првенството и на Купот. Во секој меч одиме без калкулации, секогаш на три бода. Сакаме да избориме излез во Европа, без разлика преку кое натпреварување е тоа, и ќе се бориме до крајот на првенството таа цел да ја исполниме“, рече Васоски.
Шефот на стручниот штаб на Силекс напоменува дека Пелистер е незгодна екипа, и дека позицијата на табелата нема да го залаже него и неговите фудбалери.
„Игравме пред десетина дена со нив. Станува збор за незгодна екипа, знае што сака, не игра лошо, и покрај тоа што позицијата на табелата е таква за нив како што е. Но, играме пред наша публика и ќе настојуваме да дојдеме до победа. Иако на домашен терен оваа пролет нешто не оди, не сакам да го обвинувам само теренот, и до нас е, мораме да се подобриме во таа концентрација во финишот, реализацијата, и еве се надевам дека од денеска па натаму ќе се промени тој тренд и ќе почнеме да победуваме и на домашен терен“, изјави Васоски.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

