Васоски: Покажавме карактер, заслуживме да победиме

Во рамките од 22.коло во македонската Прва лига, Вардар во последните минути од натпреварот против Брегалница славеше победа од 2-0 на домашен терен. Лидерот на табелата ја оствари десеттата победа по ред против тимот од Штип на домашен терен.

Иако, доминираа во целиот натпревар, вардарци стигна до погодок дури во 88. минута преку Дејан Блажевски, а само две минути подоцна младиот Петковски ги постави конечните 2-0. Домашните имаа многу неискористени шанси, можеа да го решат натпреварот уште во првото полувреме, но Балотели во неколку наврати беше спречен од расположениот Кобетиќ. Одбраната на Брегалница можеби ќе издржеше до крајот да ја сочува мирна мрежата, но Ѓорески во 80. минута заработи втор жолт оставајќи го својот тим на цедило.

„Игравме добро, заслуживме да победиме, иако головите беа постигнати на самиот крај. Имавме контрола над играта од самиот почеток, натпреварот можевме да го решиме уште во првото полувреме, но организираноста на Брегалница нѐ натера да ризикуваме и притискаме до крајот. Имавме мал пад на самодовербата, но покажавме карактер кога беше најпотребно. Црвениот картон ни ја олесни работата, па имавме слобода да ги ставивме сите офанзивци во игра.  Сега најважно е да се насочиме кон следниот натпревар против Македонија Ѓорче Петров и да го дадеме својот максимум за да останеме на шест бода разлика по паузата“  – изјави Александар Васоски, првиот асистент на Гоце Седлоски.

 

Се вчитува...