Васоски: Се уште верувам дека можеме да го елиминираме Дечиќ

Македонскиот фудбалски прволигаш Силекс ќе има тешка задача утре на домашен терен во реваншот против Дечиќ откако на првиот натпревар загуби со 3-0.

Сепак, тренерот на „кратовци“, Александар Васоски не се откажува и верува дека утре е возможно чудо.

„Свесни сме дека имаме негативен резултат по првиот натпревар. Меѓутоа мислам дека сме кадарни да пробаме да го исфрлиме Дечиќ. Имаме квалитетна екипа, во ланскиот шампионат знаевме да постигнеме по три-четири гола на натпревар. Зошто да не биде така и сега. Со добар фокус и мотивација имаме реални шанси да го елиминираме противникот. На прв поглед мислиме дека играме против екипа од Црна Гора, но Дечиќ е многу сериозен клуб, со сериозен сопственик. Пред две сезони беше шампион, додека лани го освои Купот.

Пред нас имаме нови деведесет минути, нема да брзаме безглаво од првата минута. Сакаме стратешки да одиграме, да постигнеме гол во првото полувреме, па да нападнеме. Ако противникот се затвори ќе ни треба индивидуална помош од играчите, или пак шанса да бараме од прекин. И тоа е важно оружје во ваквите натпревари. Се надевам дека планот што ни е направен ќе се спроведе, но во фудбалот скоро никогаш еден плус еден не е два“, рече Васоски.

Натпреварот кој ќе се игра на тренинг центарот на ФФМ „Петар Милошевски“ е закажан за 19 часот.

Се вчитува...