Васоски: Вардар не можам да го одбијам, ми даде сѐ и како играч и како тренер

Александар Васоски е ново-стар шеф на стручен штаб на Вардар. Изненадувачки или не, тренерот кој беше дел од овој клуб се враќа во миговите кога клубот доживува тешки моменти, и лош старт во новата сезона.

Васоски се надева дека работите ќе се поправат во клубот на долгорочен план, а вели дека Вардар е клуб кој едноставно не може да го одбие.

„Вардар не можам да го одбијам, сум бил долги години тука и тоа е посилно од мене. Вардар е клуб кој ми даде се и како играч и како тренер, и јас ќе дадам се од себе да го вратиме на победничките патеки, а се надевам дека клубот ќе се среди и на долгорочен план, односно ќе има стабилен спонзор и повторно ќе биде кандидат за титула. Вардар не заслужува да биде тука каде што е во моментов. Би сакал јавно да истакнам благодарност до Грнчаров и до Бајевски и до сите кои беа досега дел во Вардар и кои направија се што е во нивна моќ клубот да застане на цврсти нозе после она што му се случуваше. Знам како им беше, тие се деца на Вардар, и секогаш подготвени се да дадат се за овој клуб, исто како и јас“, изјави за „ЕКИПА“ Васоски.

Тој своето „огнено крштевање“ ќе го има против Силекс денеска од 16:30 часот на стадионот „Борис Трајковски“ во Скопје.

„Денеска ми е прв ден по моето враќање. Отприлика ги познавам играчите, ги гледав првите три кола. Нема многу време за менување, едноставно да се обидеме на моментална инспирација и енергија да ги земеме првите бодови денеска против Силекс. Нѐ очекува тежок натпревар“, рече Васоски.

Новиот вардаров тренер очекува и екипирање на стручниот штаб. Негов помошник ќе му биде Раденко Бојовиќ, уште еден поранешен фудбалер на Вардар, кој работеше со него и во Вардар, и во Академија Пандев и во Сараево.

Покрај стручниот штаб, Вардар се комплетира и со раководните структури. Така уште едно прославено име Ѓоко Хаџиевски од вчера е назначен за нов спортски директор на клубот.

Се вчитува...