Денеска екипата на Вардар одржа прес-конференција на која спортскиот директор Ѓоко Хаџиевски, тренерот Александар Васоски и членот на управата Миле Миленковски ги искажаа своите ставови околу иднината на „црвено-црните“.
Тренерот Васоски кажа дека со оглед на ситуацијата, амбициите за оваа сезона ќе бидат опстанок на тимот во првенството. Екипата засега има само еден бод од четири кола.
„Секако сега амбициите ќе бидат опстанок, но јас не би ја гледал цела сезона, туку до полусезона. Целта е оваа екипа да собере што повеќе бодови до полусезоната, а потоа да се подготви соодветно за вториот дел. Тука е Купот на Македонија, зошто да не пробаме да го освоиме и да излеземе во Европа на крај. Но, не сакаме да скокаме повеќе од што можеме. Имаме бод од четири кола, ќе се бориме за опстанок. Ситуацијата во моментов така налага“, рече Васоски.
Околу евентуални нови засилувања, тренерот дополни:
„Со контактите кои ги имав јас и Хаџевски, размислувањата ни одат во таа насока да донесеме некои играчи кои би дошле како позајмени од странство. Такви се можностите во моментов. А на тимот му се потребни неколку играчи, пред се играч од средниот ред и нападот. Водиме разговори, па ќе видиме што ќе се случува во следните денови“, дополни Васоски.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

