Васоски во „ПРЕСИНГ“: Притисокот е на страната на Данска, мечот ќе го решат нијанси…, зошто да не се повтори Палермо!? (ВИДЕО)

Македонската фудбалска репрезентација во четврток (26 март) на „Паркен“ стадионот во Копенхаген против Данска ја очекува уште еден историски бараж натпревар за пласман на свое прво учество на светско првенство во историјата.

Еден од најистакнатите македонски репрезентативци во историјата, Александар Васоски, на гостувањето на спортскиот подкаст „ПРЕСИНГ“ неизбежно се осврна и на дуелот со Данците, и можноста Македонија да го изненади објективниот фаворит.

„Данска е репрезентација која, по мене, можеби не е во врвот на европскиот фудбал, меѓутоа е многу незгодна репрезентација со фудбалери кои играат во сигурно, речиси сите, во Топ 5 лигите во Европа. Така да, не очекува тежок натпревар. Но, мислам дека и на Данска нема да и биде лесно и сеедно, бидејќи игра на домашен терен. А, притисокот кога играш дома, посебно, ете да кажам, со послаба репрезентација, е поголем и тоа треба да биде нашата некоја предност која се надевам дека ќе ја искористиме“ – истакна Васоски, веднаш дополнувајќи:

„Очекувам натпревар кој ќе го решат нијанси, детали. Добро е што имаме ние фудбалери кои играат веќе стандардно во своите клубови и мислам дека во еден натпревар сѐ е можно. Така да се надевам, како што кажав, дека ќе успееме таа прва пречка да ја минеме“.

Според Васоски, ако успееме да ја минеме Данска, тогаш во пресметка со Чешка или со Република Ирска далеку пореални се шансите да го видиме Мундијалот 2026.

„Ако ја минеме Данска, јас мислам дека имаме поголеми шанси од следниот противник да се пласираме, затоа што дури тогаш притисокот ќе биде кај нив. Ние повторно играме на гости а притисокот на домаќинот ќе биде огромен. Ние нема што да изгубиме. Им ја посакувам цела среќа на нашите репрезентативци да не израдуваат, да игра Македонија на тој Мундијал што го посакуваме сите и тоа би било, што викаат, ‘сон на летната ноќ’. Така да, се надеваме дека ќе се пласираме. Меѓутоа, и да не се пласираме, не треба да биде тоа трагедија, бидејќи самиот пласман во баражот за мене е успех“ – вели Васоски.

Може ли да се случи Палермо кога исто така во бараж за СП 2022 ја изненадивме Италија на гости? Копенхаген да биде ново Палермо?

„Секако дека може… Може. Зошто да не?!“ – низ смеа коментира Васоски.


=======================================

ЦЕЕЛИОТ СПОРТСКИ ПОДКАСТ „ПРЕСИНГ“ ГЛЕДАЈТЕ ГО ТУКА….

Се вчитува...