Ваучерите за спортските клубови ќе бидат исплатени во текот на следниот месец, а министерот Борко Ристовски најави и буџет за врвен спорт. Нова програма за субвенционирање врвен спорт, која ќе ги опфати сите спортски федерации и клубови кои се натпреваруваат во Европа, обезбеди Министерството за спорт од државниот буџет, информира денеска на прес-конференција во Влада, ресорниот министер Борко Ристовски.
Тој посочи дека финансиските средства за таканаречениот ваучер систем се обезбедени преку државниот буџет, што, како што рече, не било случај во претходната влада. Најави дека следната недела ќе објават повик за финансирање врвен спорт, на кој ќе можат да се пријават сите федерации или екипи кои се натпреваруваат во Европа, за што биле предвидени околу 85 милиони денари.
„Наредната недела ќе бидат објавени повиците кои ќе важат за сите спортски федерации и клубови кои се натпреваруваат во Европа. Ќе биде еден значителен финансиски инпут и за сите спортски федерации и за сите спортски клубови кои се натпреваруваат во Европа. Министерството за спорт изминатите два месеци работеше напорно. Направивме неколку измени на закон, со кои критериумите од т.н. ваучерски систем во најголем дел ги тргнавме. Она што значеше корупција во тој систем го тргнавме од вреднувањето на добивање на финансиски помош од државата“, истакна Ристовски.
Според Национална стратегија за спорт, нагласи, најголем дел во финансирањето ќе ги носат четири федерации, кои и носат најголеми успеси на Македонија.
„Македонија од сега па натаму ќе живее еден поинаков финансиски свет, ќе живее една поинаква финансиска помош во спортот, која ќе значи вложување во спортот вложување во млади и во врвниот спорт. Нема да бидат заборавени сите гранки. Целта е развој на врнвиот спорт, поддршка на младите таленти во државата како на домашен така и на меѓународен план“, рече Ристовски.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА