Вавринка по скратена постапка го реши Димитров

Дуелот меѓу Стен Вавринка и Григор Димитров важеше за дерби-пресметка во првото коло од УС Опен, па затоа изненадување е колку лесно швајцарскиот тенисер се справи со ривалот од Бугарија, совладувајќи го со 3-0 во сетови (6-3, 6-2, 7-5).

Вавринка повеќе од четири години беше без триумф над Димитров, период во кој претрпе четири порази од овој ривал, но тоа беше само мотив повеќе за Швајцарецот да прикаже одлична игра и да му одржи лекција на незгодниот ривал. Димитров вината мора да ја бара кај самиот себе, откако во првиот сет при резултат 4-3 со две двојни сервис грешки му подари брејк на Вавринка. По тој момент самодовербата кај бугарскиот тенисер вртоглаво опадна, Вавринка набрзина го доби и вториот сет со 6-2, за на крајот да триумфира со максимални 3-0 во сетови.

Со идентичен резултат пласманот во второто коло го визираше и Џон Иснер, кој го совлада сонародникот Клан со 7-6, 6-3, 6-4.

На женскиот дел од турнирот, по елиминацијата на првата носителка Симона Халеп, Шпанката Мугуруза тргна моќно со победа од 6-3, 6-0 над Жанг, додека Свитолина славеше со 2-1 во сетови над Американката Викери.

Се вчитува...