Важен потпис во Мадрид – се враќа Тони Крос?

Реал Мадрид е на добар пат да комплетира уште една сезона без ниту еден освоен трофеј, а Флорентино Перез подготвува ремонт во играчкиот кадар, преговара со нов тренер, но и за враќање на една фудбаллска легенда назад на „Сантијаго Бернабеу“.

Тони Крос ги мина најблескавите денови во својата кариера бранејќи ги боите на Реал, се пензионираше како член на овој клуб, но сега е многу блиску до враќање назад во Мадрид. Како што информираат мадридските медиуми, Крос веќе е во преговори со Флорентино Перез за летово повторно да стане член на Реал, а единствената дилема е каква улога тој ќе извршува  во управата на најтрофејниот европски клуб.

„Идејата не е тој повторно да игра, туку да биде дел од клупските структури. Намерата е јасна – тој ќе се врати, единственото прашање е каде точно ќе се вклопи. Неговиот однос со Флорентино Перез и со сите во клубот отсекогаш бил беспрекорен, Крос никогаш не направи ниту еден проблем ниту како играч, ниту при пензионирањето. Перез го цени тоа и тој најмногу од сите притиска да го врати Германецот во клубот. Животот на Тони е цврсто врзан за Мадрид, семејството уживаше во животот во овој град, а тој отвори и своја фудбалска академија во овој град. Имаше и средби со највисокото раководство на Реал, ги импресионираше  сите со својот ентузијазам, па неговиот камбек е само прашање на време“, пишува весникот „Ас“.

Се вчитува...