Важен триумф за „романтичарите“, Скопје скокна пред Победа и пред Пелистер

Работнички во голеада на арената „Филип Втори“ ја совлада Победа со 4-2 и се доближи само на еден бод до третопласираниот Силекс во битката за квалификациите во Лигата на Европа. Силекс загуби во Кратово од Шкендија со 1-3, а Ренова извлече бод против Вардар (1-1).

Во битката за опстанок, Пелистер на домашен терен загуби од Академија Пандев со 1-3, а Скопје стигна до бод против Шкупи (1-1) и сега е пред Победа и Пелистер.

„Романтичарите“ остварија значаен триумф над Победа. Ангелов од пенал во четвртата минута донесе водство, а го удвои Кировски само две минути подоцна. Но, Алтин Лога намали на 2-1 во 29.минута.

Кире Маркоски зголеми на 3-1 во 59.минута, а веќе во следниот напад Зоран Даноски повторно намали на еден гол негатива (3-2). Сепак, Кире Маркоски е човекот на одлука, со оглед дека во 85.минута уште еднаш погоди за конечен триумф.

Силекс во Кратово загуби од Шкендија со 1-3. Хасани го отвори резултатот, а Бесмир Бојку пред крајот на првиот дел зголеми на 0-2. Вакили во 54.минута го постигна третиот гол за Шкендија, а Благојевиќ беше стрелец на единствениот погодок за кратовци. Шкендија играше со играч помалку од 67.минута поради исклучувањето на голманот Реџепи, но Силекс не успеа тоа да го искористи.

Во Тетово, Ренова стигна до реми против Вардар во самиот финиш. Валмир Нафиу од пенал во 90.минута донесе израмнување, откако Тигран Барсегјан во 76.минута погоди за Вардар.

Пелистер доживеа непријатен пораз од Академија Пандев (1-3) во битката за опстанок. Даниел Миловановиќ во петтата минута најави триумф за гостите, а Иве Трифуновски од пенал израмни во 34.минута. На самиот почеток од вториот дел Чешмеџиев повторно донесе водство за Академија Пандев, а Зоран Балдовалиев од пенал го постави конечниот епилог.

На „Железарница“, Скопје и Шкупи ремизираа, 1-1. Шкупи поведе во седмата минута со голот на Ален Јашароски, но израмни Филип Петковски во 89.минута од мечот.

ПРВА ЛИГА, 33.КОЛО – РЕЗУЛТАТИ

СИЛЕКС – ШКЕНДИЈА 1-3

РЕНОВА – ВАРДАР 1-1

РАБОТНИЧКИ – ПОБЕДА 4-2

ПЕЛИСТЕР – АКАДЕМИЈА ПАНДЕВ 1-3

СКОПЈЕ – ШКУПИ 1-1 

Табела: Шкендија 82, Вардар 53, Силекс 46, Работнички 45, Академија Пандев 42, Ренова 41, Шкупи 39 (-1), Скопје 32, Победа 32, Пелистер 31 (-1).

Се вчитува...