Екипата на Хувентуд, во чии редови настапува и македонскиот репрезентативец Ненад Димитријевиќ, стигна до огромна победа над Естудијантес (77-71), триумф што е од големо значење за тимот од Бадалона во битката за опстанок во елитното шпанско кошаркарско друштво. Естудијантес допатува во Бадалона по големите победи над Барселона и Бетис (во Севилја), но „студентите“ не успеаја да го издржат налетот на мотивираните домашни кошаркари, кои заслужено стигнаа до победата.
Клучната разлика беше направена во третата четвртина што Хувентуд ја доби со 25-15, па домаќините до крајот не им дозволија на кошаркарите на Естудијантес целосно да се вратат во мечот. Естудијантес се доближи само до четири поени разлика, но тогаш Хувентуд имаше одговор. Димитријевиќ погоди значаен шут „од табла“ при резултат 70-66, нешто подоцна македонскиот плејмејкер имаше и значаен дефанзивен скок, по што беше фаулиран и реализираше едно од двете слободни фрлања.
Младиот 19-годишен кошаркар мина на теренот дванаесет минути, период во кој реализираше девет поени со стопроцентен ефект од поле (3/3) и едно промашено слободно фрлање (3/4). Покрај тоа, зад името на Димитријевиќ останаа запишани и четири скока, една украдена и две загубени топки.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА