Легендарниот либериски голгетер, Џорџ Веа за британскиот медиум „Гардијан“ вели дека Арсен Венгер е човекот кој најмногу влијаел во неговата кариера и дека неговите совети многу му помогнале. Монако беше првиот европски клуб во кој Веа ја започна фудбалската кариера, а во тој период на клупата на „кнезовите“ беше Венгер, моментално предводникот на Арсенал.
„Венгер ми беше како татко. Во време кога преовладуваше расизмот, тој ми покажа што е љубов, сакаше да бидам на теренот секој ден. Еден ден бев многу уморен и чувствував главоболка, а Венгер ми кажа дека ме разбира, но и дека му е важно напорно да работам, веруваше во мене и ми велеше дека ќе бидам меѓу најдобрите фудбалери во светот. Јас го послушав и продолжив да вложувам во себе за да се подобрам. Покрај Бог, му се заблагодарувам на Венгер, верувам дека без него немаше да успеам да бидам меѓу најдобрите“, истакна Веа.
Веа во кариерата покрај Монако ги носеше дресовите на ПСЖ, Милан, Челси, Манчестер сити и Марсеј. Во 1995 година бранејќи ги боите на Милан, Веа беше прогласен за најдобар играч на светот освојувајќи ја „Златната топка“, а до денес останува како единствениот африкански фудбалер кој ја освоил оваа престижна награда.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА