Вечерва во Битола фудбалски спектакл. Младата репрезентација на Македонија под рефлектори на стадионот „Петар Милошевски“ ја пречекува селекцијата на Италија во квалификациски натпревар за пласман на Европското првенство.
За првпат на легендарниот битолски стадион во минатото наречен „Под Тумбе Кафе“, а сега по македонската голманска легенда, ќе светнат рефлекторите. Овој меч се очекува со нетрпение во градот на конзулите, а најавено е дека во иднина Битола ќе биде базата на младата селекција. Од стадионот од каде потекнуваат многу големи фудбалски имиња, кои подоцна оставија траен белег и во националниот тим.
Македонската млада репрезентација лошо и со пораз од 3-0 на гостувањето во Краков го стартуваше овој квалификациски циклус. Според селекторот Горан Станиќ, грешките се воочени, и сега следува нов, можеби најголем предизвик во овие квалификации, и дуелот против фаворитот во групата.
„Полска е зад нас, ги воочивме грешките и ќе се потрудиме да не се повторат и против Италија. Имавме и неколку позитивни работи од тој меч со Полска. Бевме егал во посед на топка, ни недостасуваше последно додавање и завршница, а привмивме наивни голови. Резултатот не е мерило на играта. Но, сега сме подготвени за Италија. Анализиравме и планот е веќе направен. Италија е поразлична селекција од Полска, играат различен систем. Тактички се многу подготвени и на врвно ниво. Мораме да бидеме внимателни од нивните крила кои се брзи“, изјави Горан Станиќ.
Мечот започнува вечерва ов 18:15 часот.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

