„Вечната битка“ за место во финалето почнува од Аеродром

Разигрувањето за титула во македонската кошарка продолжува денеска од 20 часот и 15 минути во СЦ „Јане Сандански“ каде МЗТ Скопје и Работнички ќе го одиграат првиот од можните три натпревари за пласман во големото финале.

Македонските вечни кошаркарски ривали низ годините одиграа многу меѓусебени серии пресудни за шампионската титула, но овој пат ќе се борат за место во самото финале. А, познавајќи ги натпреварите од „македонската класика“ мора да се напомене дека фаворитската улога постои само на хартија што навестува интересна серија исполнета со многу неизвености и покрај тоа што аеродромци повеќе од две години не знаат за пораз од центарци.

Последниот меѓусебен натпревар одигран токму во Аеродром донесе голема неизвесноста во која МЗТ Скопје до победата стигна во самиот финиш. Оттогаш работите се променети, Работнички претрпе големи промени во ростерот, МЗТ Скопје ќе има ново лице на тренерската позиција, но клучните играчи на натпреварот – Војдан Стојановски и Ерик Нотиџ повторно ќе бидат дел од спектаклот.

Вториот полуфинален пар кој го сочинуваат Пелистер и ТФТ својот прв натпревар ќе го одиграат утре од 19 часот во салата „Боро Чурлевски“. Битолскиот и скопскиот тим оваа сезона веќе се сретнаат три пати во кои „зелено-белите“ издвоија две убедливи победи, но ТФТ не дозволи гостински триумф во Скопје. Овој пат избраниците на Смилковски ќе мораат да добијат натпревар на југот на Македонија за пласман во финалето каде составот на Илиевски претрпе само еден пораз во сезоната.

Овој викенд ќе биде комплетирано и третото коло од плеј-аутот каде натпреварите помеѓу Чаир 2030 и Академија ФМП (13.05 од 19 часот) и Куманово и Струмица (14.05 од 19 часот) ќе се играат за престиж. По изминатото коло веќе е познати патниците во Втората лига па преостантите четири кола ќе бидат добра можност за помладите кошаркари да докажат дека заслужуваат место во Првата лига следната сезона.

Се вчитува...