Вечниот „ГРАНДЕ ПАНДЕВ“ – Легенда, Мит, Икона!

Горан Пандев е најголемата икона на македонскиот фудбал. Личноста која е синоним за фудбалската игра кога ќе се спомне Македонија во Европа, фудбалерот за кого, како што велат и многумина, вредеше да се чека толку години дебитантскиот настап на едно големо натпреварување.

„Би ги менувал сите мои трофеи во кариерата само за еден настап на Европско првенство“ – ќе рече Пандев во 2018 година, и по само две години почна да го живее тој сон.

Комплетниот текст на ЕКИПА може да го погледнете и на лондонски „Гардијан“А, интересно, токму овој јуни пред настапот на ЕВРО 2020, „Гранде Пандев“ прослави 20 години од својот прв репрезентативен настап. Ете, кога Горан дебитирал за Македонија, Елиф, на пример, имал само една година. А, уште со тоа негово деби во составот на Ѓоре Јовановски на гостувањето против Турција (3-3) на 6. јуни 2001 година во квалификациите за СП 2002, кога во игра влезе на местото на Беќири, неговото име се врзува и со секој позабележителен резултат на националниот тим.

„Цели 20 години во овој свет дрес, многу порази, победи, радости, понижувања, многу убави и лоши работи поминав со тебе Македонијо… Сега го живеам мојот сон, сонот на моите колеги, на мојата фамилија, на цела нација. Во овие тешки времиња да се обединиме сите заедно и уште еднаш да уживаме како дел од фудбалска Европа“ – вели Пандев.

Најдобриот македонски фудбалер е се повеќе незаменлива икона и на Серија А. И во 38-та година од животот се уште погодува за Џенова… Нема да биде никакво изненадување уште долго да ги полни насловните страници на италијанските медиуми. Како што би рекол Џанлуиџи Буфон обраќајќи му се на Пандев: „Додека ти не заминеш во пензија, не одам ниту јас“.

И македонските фанови ниту во еден случај не сакаат да го видат Пандев во пензија, човекот најзаслужен за пласманот на Македонија на своето прво историско учество на ЕВРО 2020.

„Планирам повлекување од фудбалот по Европското првенство. Но, за тоа потоа, сега мора максимално да се фокусираме единствено на настапот на собирот на најдобрите“.

За големината на Гранде доволно зборува и описот за него од Жозе Мурињо, човекот со кого во Интер во 2010 година ја освои тројната круна, Серија А, Копа Италија и Лигата на шампионите.

„Имате фудбалери кои се само извонредни индивидуалци, но имате играчи кои се беспрекорни фудбалски мајстори а играат за тимот и секогаш носат позитивни вибрации во соблекувалната. Пандев е од оние вторите и затоа го посакував толку многу да дојде во Интер“ – ќе рече Мурињо.

Токму неговата енергија во соблекувалната, како дополнение на веќе огромниот квалитет на теренот, треба и да ги понесат младите репрезентативци до нов успех за македонскиот фудбал.

Се вчитува...