Последниот натпревар од 3. коло во Првата лига ни носи вечно дерби во СРЦ „Кале“ каде Работнички од 17 часот го пречекува МЗТ Скопје во битката за Скопје. Ростерот на „сино-белите“ им ја носи фаворитската улога на аеродромци, но дерби мечевите се такви во кои не секогаш победува фаворитот.
Тоа добро го знае и МЗТ Скопје кој во минатото пред своите навивачи приредуваше изненадување, тоа добро го знае и Работнички кој и претходната сезона беше блиску до одбрана на домашниот терен, а и овој пат „црвено-белите“ ќе тргнат со истата цел – изненадување на АБА лигашот.
View this post on Instagram
Двете екипи во натпреварот влегуваат по поразите во претходното коло во кое Работнички загуби во Битола, додека МЗТ Скопје во Аеродром беше совладан од Гостивар. Аеродромци покрај тој меч одиграа уште еден многу значаен натпревар во АБА против Студентски Центар па на терет на „сино-белите“ ќе биде и густиот распоред.
Доминацијата на МЗТ Скопје во мак-баскетот се одрази и во „вечните натпревари“ па така во последните десет одиграни меѓусебни меча аеродромци забележаа осум победи, а центарци две. Последната победа на Работнички дојде во СЦ „Јане Сандански“ каде во неизвесната завршница пресуди тројката на Мирко Мулалиќ, но МЗТ беше оној кој славеше во следните три средби.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

