Дуелите меѓу Пелистер и Вардар отсекогаш предизвикувале најголемо внимание во македонскиот фудбал, а денеска (15 часот) под „Тумбе Кафе“ ги очекува нова жестока пресметка за бодови. На „пелистерци“ овојпат многу повеќе им „гори“ под нозе, со оглед дека водат грчевита борба за да обезбедат опстанок во елитното друштво, а Вардар ќе игра за своето реноме, во сезоната во која евидентно е дека ги загуби двата трофеи. Иако, после срамот со младинскиот состав, тешко дека и победа во Битола би можела да го „испере“ Вардар.
„Црвено-црните“ јавно објавија дека нема да даваат изјави до крајот на сезоната, па оттаму и нема конкретен став во пресрет на дербито. Но, до крајот на сезоната ќе бидат без главниот „мотор“ на екипата Фелипе, кој го напушти клубот и веќе е член на казахстанскиот Каират. Пелистер, иако е квалитативно инфериорен во овој момент, сигурно со поддршка од своите фанови ќе се обиде да го земе скалпот на големиот ривал и да освои значајни бодови во битката за опстанок.

Вечното дерби во изминатите пет меѓусебни средби му припаѓаше на Вардар. На последните седум гостувања во Битола, вардарци имаат ефект од шест победи и само еден нерешен резултат, а последен пат бил поразени на „Тумбе Кафе“ во 2011 година.
Интересно ќе биде и на дуелот што ќе се игра на комплексот на ФФМ меѓу Работнички и Академија Пандев. Тоа е можеби последниот воз за „романтичарите“ да фатат вистински правец за излез во Европа. По двата порази во двете последни кола, тренерот Горан Станковски се надева дека конечно неговиот тим ќе се претстави во посакуваното издание.
„Свесни сме за огромното значење на дуелот против Академија Пандев и ќе сториме се за да се вратиме на победнички патеки. Ги анализиравме игрите на претходните натпревари, укажани се грешките и ќе треба да се подобриме во периодот што следи. Претстојниот натпревар, како и сите останати до крајот, се од круцијално бодовоно значење за нас, доколку сакаме да бидеме во трка за излез на европската сцена. Ќе мора да одиграме многу подобро, а убеден сум дека тимот има капацитет за тоа“, вели Горан Станковски.
Од редовите на Академија Пандев исто така најавуваат жестока борба за бодовите. Во Тетово, Ренова ќе го пречека тимот на Шкупи, додека во Кратово, Силекс ќе биде домаќин на Победа. Лидерот Шкендија ќе гостува кај последнопласираниот тим на Скопје.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

