Голманот на Струга ТЛ, Ведран Ќосевски, кој е и еден од најдобрите поединци на стружани во првиот круг од сезоната, еден од најзаслужните за извонредните резултати на тимот, заработи сериозна повред која, според првичните впечатоци најверојатно ќе значи за него и крај на полусезоната. Сепак, дополнителните лекарски анализи наредниве денови ќе покажат колкава пауза ќе мора да следи за голманот на Струга ТЛ.
Ќосевски заработи повреда во клучниот момент кој го одлучи денешниот дерби-дуел на Чаир во кој Шкупи победи со 1-0. Во 53. минута имаше судир меѓу напаѓачот на домашните Сандеј Адетунџи и Ќосевски, по кој главниот судија Ставрев досуди пенал за домашните.
Се чини дека Ќосевски прв дојде во допир со топката, по што следеше судирот со Адетунџи, но главниот судија Ставрев се одлучи за пенал за Шкупи. Дискутабилна ситуација која ќе предизвика многу дополнителни анализи. Како и да е, на крајот Фреди Алварез успешно погоди од 11 метри за водство од 1-0 на чаирчани.

При таа ситуација повреда заработи и Ќосевски, кој собра сили да се обиде да го брани пеналот, но потоа поради повредата мораше и да го напушти теренот, па младиот голман Кристијан Китановски влезе на местото на Ведран Ќосевски веднаш во 58. минута по изведениот пенал на домашните.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

