Јужноафриканскиот атлетичар Вејд ван Никерк постави нов светски рекорд во трката на 300 метри. Актуелниот олимписки и светски рекордер на 400 метри, на атлетскиот митинг во Острава оствари резултат од 30,81 секунди и го урна рекордот на легендарниот Мајкл Џонсон од 30,85 секунди поставен во 2000 година. Тој исто така го поправи и рекордот на митингот кој досега го држеше Усеин Болт со резултат од 30,97 секунди.
„Задоволен сум и благодарен за ова големо достигнување. Им благодарам на сите луѓе во Острава за оваа прекрасна трка. Горд сум што ќе бидам дел од историјата. Сега ми треба малку одмор, но, потоа се надевам дека ќе продолжам да правам мали чекори кон подобри резултати од ден во ден“– рече новиот светски рекордер.
Ван Никерк за помалку од една година по втор пат урива рекорд на Мајкл Џонсон. На ОИ во Рио де Женеиро, јужноафриканскиот атлетичар постави нов светски рекорд и на 400 метри. Тој го освои златниот олимписки медал во оваа дисциплина со резултат од 43,03 секунди и за 15 стотинки истрча побрзо од претходниот светски рекорд на Џонсон од 1999 година изнесуваше 43,18 секунди.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА