Иако комплетното владение со националната арена „Тодор Проески“ е на државните институции, сепак, Фудбалската федерација на Македонија, не можејќи повеќе да чека реакција на сопственикот, како би ја заштитила А-репрезентацијата е во финални разговори за комплетно реновирање на теренот на нашиот најголем стадион!
Како што дознава ЕКИПА, Фудбалската федерација на Македонија презема активност за целосно реновирање на теренот на арената „Тодор Проески“ кој долги години е во очајна состојба, а за што најмногу трпи најдобрата македонска фудбалска репрезентација.
И по последните два натпревари, против Малта и против Фарските острови изминативе денови, репрезентативците не го криеја револтот од очајната состојба на теренот која влијае, освен на играта, и на здравјето на фудбалерите при секој собир на националниот тим во Скопје. Токму поради сето тоа ФФМ деновиве е во финални разговори за добивање дозвола за поставување комплетно нов терен согласно најсовремените европски стандарди, со што еднаш засекогаш би се затворило прашањето со теренот на најголемиот македонски стадион.
Добро е познато дека и сите репрезентации кои гостувале во Македонија постојано ја нагласуваат очајната состојба на теренот на арената „Тодор Проески“. Факт е дека Скопје располага со модерно спортско здание, но сето тоа е залудно поради очајната состојба на теренот уште од самата погрешна изведба.
Интенцијата на ФФМ е сега, во следните два месеци, комплетно да се реновира теренот со што конечно македонската репрезентација би имала и далеку подобри услови за игра веќе за следниот натпревар во квалификациите за ЕП 2024 против Украина во јуни во Скопје.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА