Најдобриот македонски кошаркар, Ненад Димитријевиќ, дефинитивно на крајот од сезонава си заминува од Уникс Казањ и го прави следниот чекор во кариерата – преселба во Евролигата. Италијанскиот гигант Олимпија Милано ќе биде нов клуб на Македонецот, откако се договорени сите детали за двогодишна соработка, со која Димитријевиќ ќе биде дел од „манекените“ од Милано најмалку до 2026 година.
Олимпија Милано има разочарувачка сезона во Евролигата, не успевајќи да обезбеди место во плејофот и покрај сериозните инвестиции во играчките кадар и звучните засилувања предводени од Никола Миротиќ. Тренерот Еторе Месина планира ремонт на бековската линија, најавено е и заминување на Шилдс, а Димитријевиќ ќе биде главен организатор на играта на Милано во наредните две години. Воедно, тој ќе биде едно од главните засилувања на италијанскиот гигант заедно со центарот Џош Нибо, кој ќе пристигне од редовите на Макаби.
Ненад Димитријевиќ минува две извонредни сезони во дресот на Уникс Казањ. Лани тој го предводеше овој тим до титулата во ВТБ-лигата, закитувајќи се со МВП-признанието во финалната серија против Локомотив. Сезонава тој игра извонредно во дресот на Уникс, уривајќи низа рекорди на дерби натпреварите со ЦСКА и со Зенит, за што заслужено го доби признанието за МВП на регуларниот дел од сезоната.
Сето тоа придонесе Димитријевиќ да се најде на листата со желби на неколку евролигаши, а од неколкуте понуди на маса македонскиот репрезентативец ја избра токму онаа на Олимпија Милано.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА