Манчестер Јунајтед денеска ќе го добие наследникот на Рубен Аморим, но тоа нема да биде Оле Гунар Солскјер. Изборот на управата на „црвените ѓаволи“ падна врз Мајкл Карик, поранешниот фудбалер на Манчесер јунајтед се враќа назад на „Олд Трафорд“, овојпат во улога на привремен тренер со потпис до крајот на оваа натпреварувачка сезона.
Солскјер долго време беше „прв пик“, но разговорите што Карик ги имаше со клупските директори го исфрлија екс-репрезентативецот на Англија во преден план. Експресно беа договорени и финансиските детали, па англиските медиуми веќе објавија фотографии од Карик како денеска пристигнува во тренинг-центарот Керингтон каде ќе го води попладневниот тренинг на „црвените ѓаволи“.
Карик веќе беше привремен тренер на Манчестер јунајтед, во ноември 2021 година кога го водеше тимот на неколку средби по отказот на Оле Гунар Солскјер. По победата од 3-2 над Арсенал, во декември 2021 година тој се повлече од функцијата, а на негово место беше именуван Ралф Рангник.
Новиот тренер ќе дебитира на клупата на „црвените ѓаволи“ на големото градско дерби со Манчестер Сити закажано за 17 јануари.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

