Тијаго Мота и дефинитивно ќе биде наследникот на Масимилијано Алегри од новата сезона откако аргентинскиот стручњак ги прифати условите што му беа понудени од страна на управата на Јувентус.
„Старата дама“ веќе подолго време се интересираше за овој млад и перспективен стручњак, кој сезонава направи чудо откако успеа да ја одведе Болоња до пласман на табелата кој значи и учество во Лигата на Шампионите наредната сезона. Мота имаше уште неколку понуди на маса, но челниците на Јуве беа најупорни и денеска беше постигнат целосен договор, за тригодишна соработка и плата од пет милиони евра по сезона плус бонуси за секој освоен трофеј.
Мота утре ќе одржи состанок со челниците на Болоња и ќе им ги соопшти своите планови за иднината, по што ќе следи и официјализацијата на договорот со Јувентус.
Заедно со новиот тренер се очекува „старата дама“ да го доведе и првото летно засилување од Болоња, дефанзивецот Калафиори кој веќе ги има договорено личните услови со „црно-белите“ од Торино.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА