Велешани ќе се спасат: Благој Петров нов тренер на Борец, во клубот остануваат Панов, Костадинов, Керими…

Љубителите на фудбалот во Велес можат да здивнат. Иако многумина ја предвидуваа црната судбината на нивниот миленик Борец, како и онаа на Ренова, многу работи во последен момент дојдоа на своето место.

Борец во новата  второлигашка сезона ќе стартува со нов тренер, кој беше назначен на последниот состанок на Управниот одбор на клубот. Тоа е нивниот поранешен играч Благој Петров, кој долго години играше и за штипска Брегалница. Во работата ќе му помага Марјан Јаковлевски, досегашен координатор на фудбалската академија на Борец, од чии редови во првиот тим ќе бидат префрлени неколку талентирани фудбалери за да се пополни малиот ростер на играчи што го има во моментот Борец. Се прават и големи напори да се стабилизира финансиската состојба на клубот, се очекува и градот да помогне, а и неколку спонзори, кои и досега му помагаа на Борец.

Веќе е договорено, во клубот остануваат: Александар Панов, Милан Чичевски, Стојан Костадинов, Кирил  Ивановски, Артан Чичак, Борче Димовски, Метин Керими, Иван Мицевски, Давид Спасовски. Во план се уште неколку засилувања со кои се водат преговори.

Борец ќе биде доста хендикепиран  на стартот на новото првенство поради доцниот почеток на подготовките, особено на првиот меч со Слога од Виница и куп натпреварот со Фортуна бидејќи екипата не е физички најподготвена за тешките натпревари, но тренерот Петров се надева дека сепак Борец ќе најде сили успешно да игра во мошне силната второлигашка конкуренција која годинава  е единствена со 16 клубови.

/М.М/

Се вчитува...