Тетовска Ренова и дефинитивно во пролетниот дел од шампионатот ќе биде посилна со довчерашниот фудбалер на Брегалница, Стојанче Велинов.
27-годишниот крилен офанзивец и официјално денеска потпиша договор со „гипсарите“ до јуни 2017 година.
„Да, се договорив дефинитивно со Ренова каде останувам до крајот на актуелнава сезона, со можност договорот потоа да биде продолжен дополнително. Иако имав понуди од уште две екипи од домашната Прва лига, сепак се одлучив за Ренова затоа што е навистина добра фудбалска средина, а клубот сезонава е со амбиции и за излез на европската сцена. Сакам да помогнам во тоа, и со Ренова ова лето да играме во Европа“ – истакна Велинов за ЕКИПА.
Поранешниот фудбалер на Тетекс, Силекс и Брегалница, веќе неколку денови е со екипата во Охрид, а вчера го одигра и првиот пријателски натпревар за „гипсарите“ во победата против Македонија ЃП од 3-1.
„Иако само неколку денови сум со Ренова навистина сум презадоволен како сум прифатен во екипата. Асистирав и при еден гол во вчерашниот триумф против Македонија ЃП. Верувам дека максимално подготвен ќе го дочекам почетокот на вториот дел од првенството“ – дополнува Велинов.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА