Поранешниот македонски репрезентативец Велко Маркоски се врати во актуелниот ракометен шампион на Македонија Вардар, потврдија од клубот.
Toj својата кариера ја почна токму во Скопје во редовите на актуелниот македонски првак. Договорот на Маркоски со Вардар е на најмалку половина сезона, со можност истата да биде продолжена. Со доаѓањето на Маркоски, тренерот Владо Недановски добива сериозна конкуренција за создавање на уште погранитна одбрана, бидејќи Маркоски важи за силен и цврст одбранбен играч.
„Маркоски уште како младинец во 2003 дојде во Вардар, каде остана до 2010 и зад себе има и титули и куп трофеи освоени со нашиот клуб. Потоа настапуваше за екипите на Металург, Зомимак М, Работнички, а играше и во странство во Загреб и Констанца. Последнава полусезона беше дел на Струга“, стои во соопштението на РК Вардар.
Вардар во плејофот тргнува со максимални три бода и ќе атакува на одбрана на двојната круна. Маркоски е веќе на тренинг со „црвено-црните“ кои ги почнаа подготовките за пролетниот дел од сезоната. Пoкраj Маркоски на подготовките на Вардар се и сите други ракометари кои не се повикани во своите национални репрезентации: Гогов, Ристовски, Стојановски, Мишевски, Карапалевски, Моралес, Лазаревски, Атанасовски, Стоилов и Ќосевски. До почеток на натпреварите Вардар ќе тренира во Скопје и планирани се одигрување и на контролни средби.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА