„Вељковиќ се обиде да ми продаде играч од македонско првенство со лажно ДВД“

Во моментов во Белгија се откриваат „картите“ во аферата „Чисти раце“ во која се инволвирани многу фудбалери, тренери и спортски работници, кои добија казни од затвор, а потоа дел од нив беа и ослободени.

Вељковиќ ја кажа својата приказна, а сега е ред на оние од другата страна.

Фудбалскиот аналитичар и поранешен фудбалер и тренер Вим Де Конинк, открива еден детал поврзан и со македонскиот фудбал. Во 2008 година му понудил играч кој играл во македонски клуб, додека Де Конинк бил спортски директор на Роселаре.

„Бевме скарани со Вељковиќ. Јас бев тренер во Алст и Вељковиќ имаше пет играчи и јас ги тренирав подеднакво. Беше лут поради тоа. Еднаш ќе се степавме. Го ставив неговиот најдобар играч на клупата затоа што според мене трчаше премалку. Го загубивме мечот, и утредента Вељковиќ влезе во соблекувалната и ми се закануваше. За малку ќе се степавме. Морав да го избркам“, рече Де Конинк, а потоа по осум години дошло до понуда за помирување.

„Ненадејно после долго време ми се јави и ми рече дека сака да го надополни она што тргнало наопаку меѓу нас. Ми понуди играч од Србија, лево крило кој играше во првенството Македонија. Добив ДВД на кое играчот се покажа многу брз. Но, приметив дека видеото беше забрзано“, рече Де Конинк.

Сепак, тој се решил да замине во Македонија и да го гледа лично играчот.

„Непосредно пред да заминам во Скопје ми рекоа дека играчот кој ќе го гледам е слободен. Бев примен од претседателот на актуелниот клуб. Но, потоа ми соопштија дека треба да се плати.“, вели Де Конинк кој потоа призна дека се чувствувал небезбедно.

„Претседателот на клубот живееше во голем замок и беше опкружен со телохранители. Се чувствував многу небезбедно. Бев многу среќен кога видов дека претставници од Лирс и од Локерен, и Жорж Ликенс дека дојдоа да го гледаат натпреварот. Пред натпреварот чувствував притисок дека морав да го потпишам играчот. Никогаш не сум се чувствувал така. Подоцна ми се налути затоа што не го земав играчот, и добивав заканувачки повици. Така работеше со мене, не можам да кажам за другите“, рече Де Конинк притоа не откри за кој играч и клуб станува збор.

Сепак, медиумите во Белгија откриваат дека станува збор за финале на Куп.

Тогаш во финалето 2008 година играа Работнички и Милано, а „романтичарите“ го добија тој натпревар со 2-0. Интересно е што стрелецот на двата гола во финалето, Ндерим Неџипи направи трансфер во белгиски Лирс после два месеци од тој меч.

Се вчитува...