Неколку репрезентативци од денеска ќе можат да преговараат за трансфер во други клубови по завршување на сезоната, со оглед дека договорите им истекуваат за шест месеци. А, нивните клубови доколку сакаат да заработат нешто, тогаш треба да се решат да ги продадат сега, овој месец. Нови клубови во 2022 година може да имаат и некои други играчи кои се под договор со своите клубови, меѓутоа овие речиси сигурно ќе имаат нови средини во јануари, или во јуни.
На оваа листа од актуелните членови на македонскиот национален тим се Дарко Велковски, Енис Барди, Бобан Николов, Ѓоко Зајков и Доријан Бабунски.
Дарко Велковски се поврзува со трансфер во Трабзонспор или Салернитана, откако ги одби понудите од АЕК и Панатинаикос од Грција. Тој е актуелен член на Ријека, но може да се случи уште зимава да го смени клубот и да потпише за друг тим. Опција е останување во Хрватска до крајот на сезонава, но не е опција продолжување на договорот со Ријека.
Леванте ќе мора да го продава Енис Барди ако сака да заработи на него, во спротивно на лето заминува како слободен агент. Барди кој долго време е во тимот од Валенсија, може да почне преговори со други клубови. Неколку шпански тимови, како и италијански Лацио му „фрлија око“ на македонскиот играч од средниот ред. Опција не е останување во Леванте, особено не ако испадне од Ла Лига, а тимот од Валенсија е многу блиску до такво нешто.
Нов клуб во новата година би можел да има и Бобан Николов. Играчот од средниот ред кој настапува за Шериф и играше во Лигата на шампионите, од денеска може да преговара со други клубови. Неговиот договор истекува во јуни 2022 година, но има клаузула за продолжување на истиот на една година, доколку двете страни најдат заеднички јазик. Многу веројатно е Николов до крајот на сезоната да остане во Шериф, а потоа во зависност од интересот на лето да ја смени средината.
Доријан Бабунски можеби ќе остане во Бугарија, но Ботев Враца да ја замени со Левски. Засега тоа е варијантата за „новопечениот“ репрезентативец, а во игра се и неколку романски клубови. Исто така договорот на лето му истекува и на Ѓоко Зајков, кој со Левски е „врзан“ до јуни 2022 година. Сепак, „сините“ од Софија разгледуваат можност за продолжување на неговиот договор.
Повеќе од сигурно е дека во новата 2022 година нов клуб ќе има и Илија Несторовски, и тоа може да се случи уште оваа зима со оглед дека интересот е голем. Лече, Венеција, Специја… се само дел од тимовите кои пројавија интерес. А, по враќањето од повредата Нестор не игра во Удинезе, па така за да добие минутажа би можел уште зимава да си најде нова средина. Ако не, тогаш како слободен си оди на лето.
Оваа зима, пак, нови клубови ќе имаат Стефан Спировски и Даниел Аврамовски. Спировски е слободен агент по раскинот на договорот со Мариупол и сега е на Кипар каде чека ангажман во Анортозис. Аврамовски, пак, е без клуб од септември, откако ракина со Кајзериспор, но доцна, па така овие пет месеци ги мина без клуб. Најблиску е до потпис со Динамо Букурешт.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА