Велковски: Добро знаеме каква одбрана има Германија, да не ги повториме грешките од Франција

ЕКИПА во Берлин,

Стеван Цаневски

Мартин Велковски е ракометар со повеќе големи натпреварувања во репрезентативниот дрес, а десниот бек е свесен за големината на предизвикот на овој европски шампионат. Групата е исклучително тешка, па така по дуелот со олимпискиот првак Франција, денеска нашите ракометари за противник ќе го имаат домаќинот Германија.

„Се подготвувавме неколку дена за овој натпревар, мислам дека пред нас е исто така тежок меч како со Франција. Добро знаеме дека Германија има исклучително добра одбрана, видовме дека на првиот меч со Швајцарија и голманите им беа расположени, но ние мораме да гледаме на сопствената игра, да ги поправиме грешктие од првиот меч. Тука пред се мислам да бидеме попрецизни во нападот, да немаме толку технички грешки, туку да правиме предност во играта „еден на еден“ и да создаваме подобри чисти ситуации за постигнување гол. Се надевам дека ќе делуваме многу подобро отколку против Франција, каде се мачевме на периоди во нападот, па моравме да играме и „седум на шест“, изјави Велковски во пресрет на денешниот натпревар.

Според него, многу важно ќе биде да одиграме квалитетно во нападот, да го намалиме бројот на технички грешки и со тоа да го лимитираме бројот на лесни погодоци на противникот.

„Видовме дека една од најважните работи во играта на Германија е преку таа цврста одбрана да изнуди технички грешки од противникот и потоа да постигне лесен гол на спротивната страна. Тоа ќе биде многу важен аспект во играта вечерва, работевме во последните денови да бидеме поквалитетни во нападот, попрецизни во додавањата, се со цел да бидеме поефикасни во нападот, но и да ги лимитираме лесните голови на противникот од контри и полуконтри“, вели Велковски.

Германците во последните два дена коментираа дека се изненадени што Македонија толку долго играше „седум на шест“ во нападот против Франција…

„Седум на шест не е наша примарна опција во нападот. Планот беше да тргнеме со шест на шест, но моравме да ја промениме тактиката по неколкуте грешки и загубени топки, бидејќи Французите беа физички многу посилни. Така излезе, против Франција повеќе време игравме со ракометар плус во нападот, ќе видиме како ќе биде против Германија, но мислам дека и на овој меч тоа нема да ни биде примарна опција во нападот“, објаснува Мартин Велковски.

Се вчитува...