Велковски: Загубивме здив кога беше најважно

ЕКИПА на ЕП во Хрватска,

Билјана Б. Петрушева, Стеван Цаневски, Игор Паневски

Огромно разочарување владее во редовите на македонската репрезентација по денешнниот пораз од Чешка, апсолутно незаслужен по доминацијата што траеше повеќе од 45 минути, но за жал и големиот пад во финишот од натпреварот.

Мартин Велковски беше една од светлите точки во нашите редови, користејќи ја шансата што му се укажа со несаканата повреда на капитенот Кире Лазаров.

„Пред се честитки до селекцијата на Чешка на победата. По убедливиот пораз од Шпанија никој не очекуваше да играме волку добро. Бевме навистина добри до 50. минута, но за жал загубивме здив кога беше најважно. Тоа е што е, мораме да продолжиме, секако дека сме многу тажни, се надевам дека барем ги направивме горди Македонците со начинот на кој игравме во првите педесетина минути“ – изјави Велковски на денешната прес-конференција.

Десниот бек почна во „грч“, разбирливо по тешкото деби на ова ЕП против Шпанија, но како што минуваше времето тој играше се подобро.

Шпанија беше исклучително тежок ривал со кој се соочивме, кој не принуди на бројни загубени топки. Мене лично од огромна помош ми беше поддршката од соиграчите, која ми помогна да го надминам тој почетен притисок и потоа да покажам се што знам“ – истакна Мартин Велковски.

Селекторот Гонзалес изрази жалење што предноста од второто полувреме не беше задржана до самиот крај, најмногу по вина на голманот Мрква кој бранеше одлично во самата завршница.

„Натпреварот беше одличен за сите, за жал не заврши добро за нас. Во првото полувреме бевме подобри на чело со Борко Ристовски, кој беше перфектен. Го немавме Кире, но тука беше Мартин Велковски, кој игра се подобро. Во второто полувреме имавме пет гола предност, но не успеавме да ја задржиме. Игравме добро во нападот, создававме шанси „еден на еден“, но чешкиот голман бранеше извонредно во финишот“ – изјави Раул Гонзалес.

Се вчитува...