Велосипедската репрезентација учествува на ЕП во Португалија

Велосипедската репрезентација на Македонија од 28-ми јуни до 11-ти јули престојува во Анадиа, Португалија каде се одржува европскиот шампионат во друмски и планински велосипедизам за јуниори и U-23 (категорија до 23 години).

На трката во планински велосипедизам во најпрестижната дисциплина XCO (Cross Country Olympic) која стартува на 3-ти јули во 14:00 часот ќе учествува најдобриот македонски велосипедист Димитар Јованоски.

На шампионатот за друмски велосипедизам учествуваат 4 натпреварувачи, од кои двајца јуниори (Александар Милошевски и Лука Димитријоски) и двајца во U-23 (Димитар Јованоски и Виктор Ванчевски).

На 7-ми јули со почеток во 11:00 часот јуниорите стартуваат во дисциплината хронометар (Time Trial), а категоријата U-23 во 16:00 часот.

Друмската трка за јуниори е на 9-ти јули со почеток во 14:00 часот. Патеката е исклучително тешка со должина од 126км и 2000 метри вкупно искачување.

Друмската трка за U-23 е на 10-ти јули во 14:00 часот на патека долга 147км и 2400 метри вкупно искачување.

Репрезентативците се веќе на тренинзи на патеките околу Анадиа и до почетокот на трките секојдневно ќе се работи на спремање на нивната форма до денот на натпреварите.

Се вчитува...