Манчестер јунајтед е првиот финалист во англискиот ФА Куп, откако „црвените ѓаволи“ по огромна битка го совладаа Тотенхем со 2-1. Можеби „спарси“ ги играат овосезонските домашни средби на „Вембли“, но тоа не им се покажа како предност на денешното полуфинале, во кое на крајот се радуваше „црвениот дел од стадионот“, приврзаниците на најтрофејниот англиски клуб.
А мечот почна одлично за Тотенхем, откако Деле Али погоди за водство на „спарси“ од 1-0. Сепак, еден мал момент на невнимание скапо го чинеше лондонскиот клуб, Дембеле загуби топка од Погба, овој веднаш нафрли до Алексис Санчез, а Чилеанецот со прецизен удар со глава израмни на 1-1. И двата тимаа шанси за втор гол уште во првото полувреме, а Де Хеа имаше многу среќа кога обидот на Дајер заврши само во дирекот.
Мечот беше решен во 62. минута, кога Алексис повлече контранапад и проигра во шеснаесетникот, на топката натрча Ерера и ја смести во мрежата крај Љорис, кој можеше и подобро да интервенира.
Јунајтед за противник во големото финале ќе го има подобриот од утрешниот полуфинален дуел меѓу Челси и Саутемптон.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА