Менаџерот на Арсенал, Арсен Венгер, се надева дека чилеанскиот интернационалец Алексис Санчез ќе остане на „Емирати“ и ќе потпише нов договор, но и тоа да не се случи, тврди дека „топчиите“ сигурно нема да го продадат на ривал од Премиер – лигата. За него интерес покажуваат Челси, Манчестер сити и Манчестер јунајтед, како и неколку други европски клубови, пред се ПСЖ, Баерн Минхен и Јувентус.
„Се уште мислам дека Санчез ќе остане во Арсенал и дека ќе потпише нов договор. Но, и тоа да не се случи, клубот сигурно нема да го продаде на друг ривал од Премиер – лигата. Во тоа фановите можат да бидат уверени“, изјави Венгер.
Французинот веќе две децении е менаџер на Арсенал, се шпекулира дека ќе си замине, но на маса има понуда за нов двегодишен договор.
„Ќе видиме што ќе се случува во наредниот период. Јас работам и за сегашноста и за иднината. Тука сум многу одамна, но и мислам на клубот како да ќе останам уште многу долго. Но, сега фокусот ни е на завршницата од сезоната во Премиер – лигата, и на финалето во ФА Купот“, истакна Венгер.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА