Венгер ќе биде нов тренер на Елмас во Фенербахче?

Арсен Венгер е главен фаворит за нов тренер на Фенербахче откако раководството на клубот покажало интерес токму францускиот ветеран да го наследи Филип Коку на клупата. Не е тајна дека челниците на Фенер воопшто не се задоволни од ефектот на Коку, кој не е сигурен ниту по синоќешната победа во Лигата на Европа над Спартак Трнава.

Турскиот гигант, во чии редови настапува и македонскиот репрезентативец Елиф Елмас, е во потрага по врвно тренерско име што би го зазело кормилото од Холанѓанецот, а приоритет во моментов се преговорите со Венгер. Првичен контакт е остварен, а се очекува во следните неколку дена да се водат и официјални разговори меѓу двете страни, по што ќе биде јасно дали екс-стратегот на Арсенал ќе се согласи на преселба во Истанбул, или Фенербахче ќе мора да бара друга опција за тренер.

Фенербахче испадна од квалификациите во Лигата на шампионите од Бенфика, во Лигата на Европа има скор од една победа и еден пораз, а најкатастрофално игра во домашното првенство, каде по првите седум кола освои само седум бода и моментно се наоѓа на очајната 14. позиција на табелата.

Се вчитува...