Младата фудбалска репрезентација на Шпанија до 21 година, која е во група заедно со Македонија на Европското првенство што ќе се одржи во Полска во јуни, би можела да биде без услугите на десниот бек на Арсенал, Хектор Белерин. Менаџерот на „топчиите“, Арсен Венгер, не преферира да го пушти Белерин да настапи за „црвената фурија“ на европскиот самит за млади фудбалери во Полска. Покрај Македонија и Шпанија, во групата се уште и селекциите на Португалија и на Србија.
„Тоа не е идеално за Белерин по напорната сезона. Тој треба да замине на заслужен одмор и да биде максимално подготвен за следната сезона“, изјави Арсен Венгер за медиумите на Островот.
Сепак, Венгер и не може да забрани Белерин да биде дел од селекцијата на Шпанија. Доколку тој добие повик, ќе мора да се појави на прозивката. Од друга страна, Венгер вели дека шпанските интернационалци секогаш со радост заминуваат да играат за својата држава.
„Мислам дека тој ќе ја прифати поканата, затоа што Шпанците секогаш со радост играат за својата држава“, дополни Венгер.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА