Арсенал го загуби дербито од омразениот ривал Тотенхем, а Арсен Венгер уште повеќе го навлече бесот на фановите на „топчиите“ истакнувајќи дека неговиот клуб сезонава не може да се носи со расположените „спарси“. Со вчерашната победа Тотенхем си осигура дека првпат по формирањето на Премиер-лигата ќе заврши една сезона пред Арсенал, податок што сигурно уште повеќе ги зголемува фрустрациите на фановите на „топчиите“ и нивното незадоволство од работата на трофејниот француски стратег.
„Честитки за противникот, реалноста е дека не можеме да се споредуваме со Тотенхем. Тие се борат за титулата, ние не, затоа и мотивацијата не може да биде на исто ниво. Ќе завршат пред нас за првпат после 22 години, математички гледано и тоа мораше да се случи еднаш. Ние не се споредуваме со Тотенхем, се споредуваме со местото каде што сакаме да бидеме. Жалам за поразот бидејќи мислам дека мечот беше израмнет се до нивниот водечки гол, а веднаш потоа следеше и пеналот и прашањето на победникот беше решено“ – изјави Венгер.
И покрај огромното незадоволство од навивачите и фактот дека Арсенал речиси сигурно нема да обезбеди учество во ЛШ, Венгер речиси сигурно ќе потпише нов двогодишен договор со „топчиите“.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА