Венгер сѐ погласно најавува: Квалификации во март и октомври, СП и ЕП на две години!

Легендарниот француски стратег Арсен Венгер, сега прв човек за развој во ФИФА повторно ги најави револуционерните промени со кои Светско и Европско првенство би се играле на секои две години, што би придонело за да се олабави згуснатиот календар, а би донело многу поголем квалитет на турнирите.

ФИФА веќе изгласа на последниот Конгрес да се разгледа детално физибилити студијата за Мундијал на секој две години, што е прв чекор кон ваквата промена, па сега Венгер во интервју за „Л’Екип“ го открива планот кој предвидува еден или два квалификациски прозорци во еден или два месеци, по што остатокот од календарот би бил исклучиво за клубовите кои ги плаќаат фудбалерите.

Досега СП или ЕП се играат на четири години, а еден квалификациски циклус трае една година низ четири до пет квалификациски прозорци.

„Големата идеја е квалификациите да се играат во еден или два прозорци, во март и октомври. Тоа ќе донесе многу повеќе простор за клубовите да си ги имаат фудбалерите кои ги плаќаат, а помалку проблеми за националните тимови. И на крајот, големите турнири би можеле да се играат на крајот на секоја година, без разлика дали е Светско или Европако“, вели Венгер.

Актуелниот календар за натпреварување на ФИФА е со важност до 2024 година, а допрва ќе следи проектот за што понатаму, но бидејќи СП 2026 веќе го добија САД, Канада и Мексико, најблизок датум за револуционерниот потег е од 2028, за што Венгер вели дека ќе донесе многу повеќе квалитет.

„Нема да има повеќе мечеви за фудбалерите од тоа што е досега, ама ќе има помалку повици за националните тимови. Идејата е да се подобри квалитетот, тука нема финансиски бенефит, зашто ФИФА сите пари ги редистрибуира. Со ова фудбалерите нема да играат повеќе мечеви, ама ќе имаат задолжителен одмор од 25 дена после секој настап на Европско или Светско првенство“, додава Венгер.

Оваа идеја на Венгер ја поддржува Џани Инфантино, кој веќе неколку години најавува револуционерни промени, а поддршка полека има од неевропските земји членки, но УЕФА се противи на предлогот и можно е сериозно заладување на односите, кои не се така најдобри на релација Александер Чеферин – Инфантино. УЕФА и Чеферин сметаат дека оваа идеја е краткорочна, а катастрофална на долг рок, која можеби ќе го уништи актуелниот систем и клупски и репрезентативно.

Се вчитува...