Арсен Венгер би можел да седне на клупата на Фенербахче и во наредната сезона да го води турскиот гигант во чии редови настапува Елиф Елмас. Оваа вест ја пренесоа неколку турски медиуми, кои тврдат дека екс-тренерот на Арсенал во следните денови ќе седне на преговори со раководството на Фенер, кое нема да жали пари за да го доведе Венгер на своето кормило. Искусниот Французин моментно се наоѓа со семејството на одмор во Бодрум, а според информациите од Турција тој веќе има договорено средба со челниците на „сино-жолтите“.
Венгер се уште нема донесено одлука за својата иднина, ја одби понудата да стане спортски директор во ПСЖ најавувајќи дека е подготвен за нов тренерски ангажман. Тој има добиено неколку понуди од далечната Јапонија, но доколку се реши да остане во Европа, Фенербахче е многу сериозна опција за овој трофеен стручњак.
Ова би можело да биде добра вест и за Елиф Елмас, со оглед на фактот дека Венгер е еден од тренерите кои секогаш им дава шанса на помладите играчите да ги покажат своите квалитети. Македонскиот репрезентативец не ја доби шансата што ја заслужува од тренерот Кочаман, најавено е дека најверојатно кариерата ќе ја продолжи на позајмица во друг клуб, но ситуацијата би можела експресно да се промени доколку Венгер пристигне во Истанбул.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА