ЕКИПА во Торино, Италија
Никола Ѓуровски
Италија се подготвува за плејоф како второпласирана селекција во нашата група, преку кој ќе се обиде да ја исполни својата цел, да се пласира на Светското првенство во Русија. Но, селекторот Џампјеро Вентура потенцира дека „аѕурите“ имаат максимален приод кон утрешниот меч (20.45 часот) против Македонија на Олимпискиот стадион во Торино.
„Ќе се бориме до самиот крај да завршиме како првопласирани во групата, но јасно е дека тоа не зависи од нас. Доколку мораме преку плејоф да се бориме за мундијалот, ќе дадеме се од себе тоа и да го исполниме. Но, сега сме насочени на утрешниот натпревар против Македонија, првиот од двата финални дуели во овој квалификациски циклус. Имаме неколку повредени фудбалери, но сите кои ќе бидат на располагање, верувам дека ќе ги исполнат нашите цели. Македонија е селекција што заслужува респект, и ние се подготвуваме максимално сериозно за претстојниот дуел“, вели селекторот Џампјеро Вентура.
Утре за првпат откако Леонардо Бонучи ова лето од Јувентус замина во Милан, тој ќе игра заедно со поранешните соиграчи, Буфон, Барѕалји и Кијелини.
„Ние сепак долг период игравме заедно и добро се познаваме. Сега ќе играме во ист тим, во репрезентацијата на Италија, и тоа е најважно. Верувам дека ќе бидеме успешни и хомогени. Македонија има квалитетни напаѓачи во Горан Пандев и Илија Несторовски, но се надевам дека нема да имаат многу простор за да го загрозат нашиот гол“, изјави Џорџо Кијелини.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА