Првиот натпреварувачки ден од Ролан Гарос го донесе и првото поголемо изненадување, откако Венус Вилијамс беше елиминирана уште на стартот од овој гранслем турнир. Американската ветеранка за ривалка ја имаше Ванг од Кина, а Вилијамс не успеа да ја оправда фаворитската улога, па загуби со 0-2 во сетови (4-6, 5-7). Сервисот воопшто не ја служеше Американката, Ванг имаше 12 шанси за брејк, искористи четири, што и беше доволно за голема победа.
Од останатите мечеви во женска конкуренција, Свитолина рутински славеше над Томљановиќ од Австралија, а место во второто коло обезбедија и Макарова, Мартиќ, Стивенс…
Ролан Гарос заврши уште од првиот ден и за Иво Карловиќ, откако хрватскиот џин загуби од домашниот тенисер Корентин Муте, моментно на 143. место на АТП-листата. Мечот неочекувано заврши со максимални 3-0 за Французинот, кој првиот и третиот сет ги доби во тај-брејк, додека во вториот беше доминантен со 6-2. Кеи Нишикори и Григор Димитров лесно ги добија своите мечеви со по 3-0, додека Монфилс загуби еден сет во дуелот со сонародникот Беншетри.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА