Венус Вилијамс се пласираше во полуфиналето од ВТА шампионатот во Сингапур откако попладнево во клучниот дуел славеше над Гарбине Мугуруза со 2-0 во сетови. Американката со овој триумф и се одмазди на шпанската тенисерка за убедливиот пораз во финалето на Вимблдон, откако покажапоголема смиреност во клучните моменти. Израмнетиот прв сет беше решен во самата завршница, кога Венус славеше со 7-5.
Мугуруза имаше предност од брејк во два наврати во вториот сет, но Американката собра сили да се врати и славеше со 6-4 за пласман во полуфиналето, каде Венус ќе се сретне со Каролин Вознијацки.
Во првиот меч на денешната програма Остапенко неочекувано лесно ја совлада Каролина Плишкова со 6-3, 6-1. Плишкова веќе го имаше осигурано првото место во групата и ги чуваше силите за полуфиналето, а Остапенко го искористи тоа за да дојде до својата прва победа на ВТА-шампионатите во кариерата.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА