Марко Верати отворено почна да „флертува“ со Барселона, јавно истакнувајќи дека сонува еден ден да го облече дресот на каталонскиот гигант. Во текот на минатата седмица каталонските медиуми објавија дека токму ангажманот на Верати е еден од приоритетите на Барса за претстојниот преоден рок, по што сега и самиот фудбалер искажа сериозен интерес за овој трансфер да се реализира.
Тој има уште неколку години од актуелниот договор со ПСЖ, веќе одби понуди од Јувентус и од Интер за враќање во татковината, но ставот му е поинаков кога ќе се спомене Барселона.
„Јас сум дел од одличен проект во ПСЖ и овде се чувствувам како дома. Сепак, секој играч, па така и јас сонувам еден ден да заиграм за Барселона. Токму Барса е најдобриот клуб во светот за мене. Нападот што го имаат каталонците е неверојатен, имаат играчи кои во секунда можат да направат разлика на теренот, секој сака да игра крај нив“ – изјави Верати.
Барселона е подготвена да плати 60 милиони евра за да го доведе италијанскиот генијалец во своите редови, пари што каталонците планираат да ги соберат од продажбите на Арда Туран и на Жорди Алба.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА