Макс Верстапен повторно коментираше за темата за можни промени во форматот на тркачките викенди во Формула 1.
Откако извршниот директор на Ф1, Стефано Доменикали, навести дека пократките трки и помалку тренинг би можеле да привлечат помлада публика, Холанѓанецот јасно стави до знаење дека не е обожавател на ваквите идеи. Доменикали претходно истакна дека помладите фанови имаат пократок распон на внимание и честопати избираат само да гледаат резимеа.
За потсетување, спринт трките беа воведени во 2021 година и тогаш беа присутни три викенди во сезоната. Денес, тој број се зголеми на шест тркачки викенди.
Верстапен сега вели дека спринт форматот веќе доволно го менува традиционалниот распоред.
„Да, можам да ги видам позитивните страни. Луѓето заработуваат повеќе пари. Но, за мене лично, зборував за тоа многу пати. Го знаете моето мислење. Исто така, разбирам зошто го прават тоа – за да направат повозбудлив производ за денот. Разбирам дека е поинтересно за навивачите да го гледаат тркањето отколку само круговите за време на тренингот. Важно е за нас возачите да имаме тренинг, но од гледна точка на навивачите може да биде здодевно. Но, Формула 1 е ваква уште од 1950-тите. Разбирам дека спортот еволуира и дека се воведуваат иновации, но не треба да се претерува. Спринт трката, според мене, е веќе доволно луда“ – вели Верстапен, и дополнува:
„Сите знаете што мислам за спринт трките, но должината на главната трка е сосема во ред. Понекогаш е час и половина, понекогаш е поблиску до два часа. Во другите спортови, имате возбудливи натпревари, а понекогаш и здодевни, тоа е спорт – не можете секогаш да создадете спектакл“.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

